Седма сезона е во грчкиот шампионат, остана заборавен од раководните структури во КФМ, а разочаран е од односот на младите кон баскетот. Идеален селектор би бил Заре Марковски, а времето поминато под водство на Орце Камчев било најдобро вели во ексклузивното интервју за ohridnews Мирза Куртовиќ.

Трета сезона  по ред македонскиот интернационалец Мирза Куртовиќ ги брани боите на грчката Олимпија од Лариса.


– Прав погодок за мене беше ангажманот во Олимпија. Се поклопија коцките, дојдов во исто време со тренерот на тимот Бацокас, кој амбициозно работи,  а успесите на клубот во овие неколку години бележат нагорна линија, сето тоа  го прави мојот престој во Лариса одличен.


Колку сте задоволен од својата игра во тимот.

–    Шефот има еден систем на ротација па горе долу сите добиваме по дваесетина минути, јас сум задоволен од она што го играм , и за мене најважно е што Управата  и Бацокас имаат доверба во мене. Грчкото првенство е многу јако и доста изедначено. Со исклучок на мечевите против Олимпијакос и Панатенаикос на нивни терен на сите останати може да сметате на бодови. Она што во голема мера е различно од нас е големиот респект кој го имаат луѓето према спортистите.


Релативно рано се откажавте од националнот дрес. Имате 31 година и мислите ли дека можевте да му дадете уште нешто на националниот тим?

–    Поводот поради кој се откажав беа серијата повреди. Сигурно дека ми е   тешко, сакам да сум таму само поради репрезентативците и поради мојата татковина,но на некого не му се допаѓаше Мирза. Луѓето во федерацијата не се борат доволно да овозможат услови какви доликува за една репрезентација. Времето на Орце Камчев на чело на федерацијата ќе остане најдобро .


–    Моето откажување дојде како олеснување за некого. Кога во тимот ги немаше Врба и Владо, кога игравме во Б – Дивизијата мојот телефон се вжештуваше од повици. Откако ја завршивме работата , тогаш едноставно како да го загубија мојот број.  За жал таква е нашата реалност. Тешко ми беше да го прифатам тоа, но едоставно морав.

–  Мене поради настапите во репрезентацијата и повредата која ја стекнав за време на настапите ми пропадна ангажманот во Русија. Оставен бев сам да си барам доктор, да ги покривам трошоците.Но никогаш не жалам за тоа што го дадов за Македонскиот дрес.

Сепак какви се нашите шанси за овој циклус?

 –  Имаме одлична екипа, но не и селектор. Идеално решение според мене за македонската клупа би бил Заре Марковси. Мислам дека овие момци може да го понесат товарот. Нашата група не е тешка нема некој супер фаворит и мислам дека може да одиме во Полска.

Колку ја следите македонската кошарка ?

– Македонската кошарка е чиста импровизација. Разочаран сум од комплетните случувања во нашата кошарка, од потпросечноста, од младите играчи кои доаѓаат и немаат никаков респект, ниту кон тренери ниту кон играта воопшто. Па “мојата“ кадетска селекција заврши четврта на ЕП , а сега гледам не победува кој како и колку ќе стигне.

 M.Постоловски