Репрезентациите на Македонија и Албанија под 19 години одиграа реми без голови 0-0 , на вториот пријателски натпревар во Охрид. Црвено- жолтите имаа поголем број од шансите, а имаа и бројчана предност цели 80 минути,  но сепак не успеаа да го скршат отпорот на гостите.


Натпреварот помина во доста тензична и на моменти опасна игра по што главниот судија Шулески мораше да ја смирува играта со жолти картони. Но стартот на Тепши во 10 минута над Марков беше преостар по што главниот судија му го покажа патот кон соблекувалната на гостинискиот фудбалер.

Ударите од далечина беа единствената закана во првиот дел на избраниците на Југослав Тренчески , но тие или завршуваа покрај голот или во рацете на сигурниот Ериксон.


На стартот на вториот дел нашите конечно конкретно се заканија, а ударот на Ристов по додавањето на Вељаноски од работ на шестнаесетникот заврши во гредата. Ашковски и Најдоски се обидоа со глава да ја погодат целта но нивните удари завршија покрај голот.

Албанската селекција најубавата прилика ја имаше во 85 минута кога по недозволеното играње со рака на голманот Ефремов по вратената топка од Најдоски беше досуден индиректен удар во нашиот казнен простор. Кратко проиграа, а страотно биеше Туше но одличната рефлексна интервенција на Ефремов не дозволи погодок.


Во судискотото надополнување Шулески го покажа и вториот црвен картон на гостите и тоа Туше (втор жолт) па во финишот на мечот нашите имаа двајца играчи повеќе во поле. Токму тогаш македонските фудбалери ја имаа последната прилика. Капитенот Уриднов биеше од далечина,топката кратко ја одби Ериксон, на неа натрчаа Ристовски, а потоа и Станков но на двапати од самата гол линија се спасуваа албанските фудбалери од пораз.

фото : Михаил Постоловски