Без инциденти и со патриотски песни, демонстрантите го започнаа маршот пред трговскиот центар Скопјанка во населбата Аеродром по што се упатија до грчкото дипломатско претставништво во центарот на градот.
На бројката од околу 50 демонстранти, во центарот на градот им се приклучија уште исто толку приврзаници и случајни минувачи со што бројката според репортерите на Макфакс изнесуваше околу 100 лица.
Со знамиња и пароли во рацете учесниците на протестниот марш под мотото „Стоп на грчкиот фашизам“го предадоа протестното писмо до грчкото конзуларно претставништво.
Еден од организаторите на протестот, Владо Чолак, од невладината “Македонска зора“, рече дека е задоволен од одзивот и додаде дека според неговата проценка на протестот имало близу 1.000 луѓе.
Иницијативата за почесен Илинденски оддек ќе продолжи и во наредните неколку недели и истата на 4ти мај ќе ја доставиме до Владата, изјави Чолак и подвлече дека веќе наредната недела ќе организираат уште еден помасовен протест.
За цело време на протестниот марш, силно полициско обезбедување ја придружуваше групата демностранти кои непрестајно пееја патриотски македонски песни и упатуваа пораки да се запре сценариото против Македонија што го застапува Грција помогната од ЕУ.
Протестниот марш, што започна на булеварот Кузман Јосифовски Питу, е во организација на координативното тело на шест невладини организации МАНАПО. Протестот беше поддржан од здружението на граѓани „Христо Узунов“ од Охрид.
извор: „Макфакс“