Во 19 часот се затворија сите 73 избирачки места во Општина Охрид каде гласањето денеска мина во фер и демократска атмосфера, соопшти Општинската изборна комисија. Не се регистрирани никакви изборни нерегуларности во Охрид, а излезноста според првичните сознанија ќе се движи над 60%.

Сенка на инаку мирниот изборен ден во охридско-струшкиот регион фрли инцидентот во селото Делогожда-струшко, каде партиски активист, член на избирачки одбор физички го нападнал претсадателот на избирачкиот одбор. Поради тоа гласањето на кратко било прекинато, по што изборниот процес во избирачкото место во Делогожда продолжил, соопшти ОИК.

Во едно избирачко место во Лабуништа гласањето започнало со задоцнување од еден час поради што таму ќе се гласа до 20 часот.

Во останатите 76 избирачки места во струшко гласањето мина во мирна атмосфера и без инциденти. Излезноста во струшко до 17 часот се движеше околу 50 %.

Првите неофицијални резултати од парламентарните избори ќе бидат познати вечерва.