Екипата на Металург в недела во спортската арена „Борис Трајковски“ ќе го пречека данскиот првак Колдинг во првиот осминафинален натпревар од Лигата на Шампиони.
Избраниците на хрватскиот стратег Лино Червар свесни се за предизвикот кој им стои на патот за влез во 1/4 финалето.
– Многу сериозно влеговме во подготовка на екипата за претстојните дуели со Колдинг. Минатата недела работевме на физички план, а оваа недела на техничко-тактичката подготовка, работиме на нашата одбрана и напад, ја анализираме нивната игра, гледаме видеоматеријали од нивните средби, ги селектираме нивните слаби точки и градиме противигра – рече Филип Миркуловски за „Нова Македонија“.
Како на Металург така и на Колдинг одбраната е главната алка во составот и на еден начин ова ќе биде двобој меѓу две гратнити бедеми пред голот.
– Колдинг е многу квалитетна и искусна екипа, составена од сегашни и поранешни репрезентативци на Данска. Тие играат типичен скандинавски ракомет, базиран на цврста одбрана и брзи полуконтри и контри.
Со својата игра сезонава покажаа дека се многу незгоден противник, така што дуелите со нив нема да бидат нималку лесни. Наша цел ќе биде да дадеме 120 отсто од нашите можности, да одиграме, борбено, цврсто и пожртвувано, како што умееме, доколку сакаме да излеземе како победници во овие дуели – заврши Миркуловски.
Македонскиот ракометен вицепрвак Металург данскиот преставник во ЛШ ќе го пречека во преполната арена „Борис Трајковски“.
Мх.П.