Свеќите се меѓу омилените украсни предмети во домот, не само затоа што создаваат атмосфера туку и поради пријатниот мирис со којшто ја исполнуваат просторијата… Сепак, некои стручњаци велат дека миризливите свеќи може да направат повеќе штета отколку корист.
Д-р Ден Габлер е органски хемичар кој често споделува здравствени совети на „Тик-ток“, па во една од своите објави, тој ги предупредува своите следачи да не користат миризливи свеќи.
Постојат многу клинички истражувања кои покажуваат како запалената свеќа во затворен простор може да предизвика сериозни здравствени проблеми, како што е спречување на способноста на клетките да се развиваат. Под загадување на воздухот често го подразбираме она што се случува надвор, но истото е често присутно во затворени простории, а меѓу другото го предизвикуваат и свеќите, истакна д-р Ден.
Хемичарот потоа појаснува дека свеќите се направени од евтин парафински восок, вештачки мириси и бои, а кога испуштаат јаглерод-моноксид, диоксид, сулфур-диоксид, бензопирен и друго, сите овие соединенија лошо влијаат на нашето тело. Тој потсетува и дека производителите обично не предупредуваат за нивните состојки.
Проблемот со свеќите е тоа што нема ни контрола на квалитетот. Нивните производители не се обврзани и не покажуваат 90 отсто од нивните состојки, а ние ги купуваме и вдишуваме. Тоа е голем проблем! Внимавајте!, предупреди тој.
Според него, ако одвреме-навреме запалиме свеќа во добро проветрен простор – тоа нема да биде проблем, но доколку тоа се случува пречесто, може да биде лошо за здравјето.
OhridNews