Ширењето на корона вирусот во Македонија, што започна од погреб во Дебар на кој присуствувале лица носители на заразата, штотуку вратени од Италија, го алармираше погребалното претпријатиe „Мирен Сон“ од Охрид да преземе мерки, со цел да спречување на епидемијата и во Охрид.
Свесни сме дека се работи за неомилена тема, но и погребите се составен дел од нашето живеење, каде доаѓаат голем број луѓе, и оттаму сметаме дека е потребно да се преземат мерки на предострожност, вели директорот на „Мирен Сон“ Денис Шибакоски.
Во однос на досегашните погребувања ние вложивме големи напори да ги организираме погребите согласно настанатата состојба и да ги советуваме граѓаните кои доаѓаат на погребите. Погребите се прават на отворен простор со намалено време на изложување. Ручек после погребите повеќе не се дава. Присутноста на граѓани е намалена, меѓутоа се’ уште бројот на граѓани кои доааѓаат на погребите е многу голем. Со цел и ние да продонесеме во борбата со опасниот вирус уште од почетокот излеговме со апел и совети за граѓаните. Направивме реорганизација и од денес најголемиот дел од оргнизацијата на погребните обреди покрај на досегашниот начин ќе го вршиме телефонски со семејствата на починатиот, со што ќе го намалиме ризикот како за нив, така и за нас како погребални оператори. – вели Шибакоски.
Шибакоски укажува дека на погребите има многу блиски контакти, што претставува опасност за евентуално ширење на зараза, како и тоа дека собирите за погреб претставуваат голем ризик за евентуално ширење на корона вирусот .
Според нас најдобро решение да се спречи евентуалното ширење на вирусот ва оваа област, е погребите да се сведат на присуство само на најтесното семејство, а граѓаните сочувството да го изразуваат по телефон. Иако овој начин е најнепопуларниот, сметаме дека во моментов, со оглед на настанатата ситуација, е најдобриот начин за заштита на населението. – истакнува Шибакоски.
Денес и Министерот за здравство излезе со апел погребите да се прават во кругот на потесносто семејство. Од „Мирен Сон“ очекуваат надлежните институции во најскоро време да донесат и конкретни мерки и одлуки за заштита на населението од ширење на корона вирусот во областа погребување.
Г.М.