“Според Законот за гробишта и погребални услуги на РМ, склучувањето на договор меѓу Управителот на гробиштата и операторот на погребални услуги е законска обрвска. Несклучувањето на тој договор е единствената причина што ние досега немаме извршено ниту едно погребување. На провокациите да извршиме погреб без претходно склучен договор не наседнавме, бидејќи и ние а и јавното претпријатие знае дека според Законот извршувањето на погреб, без претходно склучен договор, повлекува одземање на дозволата за вршење на погребални услуги на “Мирен Сон”. Од наша страна повеќе од два месеци има интензивни обиди да се склучи договор кој ќе биде направен исклучиво врз законска основа. Проблемот е во тоа што ЈП Охридски Комуналец нуди договор кој е незаконски и има дополнителни надоместоци (10.000 ден) кои не се во согласност со законот и одлуките на Советот на Општина Охрид”, велат од Мирен сон.
На почетокот на месец мај, по пријави од страна на ЈП Охридски Комуналец , Државниот Комунален Инспекторат извршил инспекциски надзор врз работењето на Мирен Сон. При тоа, утврдено е дека Мирен сон ги исполнува потребните услови за вршење погребални услуги и дека не постои незаконитост во неговото работење. Согласно тоа, не постои основ за покренување постапка за одземање на дозволата за вршење погребални услуги. Како што се наведува во записникот од Државниот комунален инспекторат, ЈП Комуналец е должен да склучи договор со операторот на погребални услуги, во овој случај Мирен сон. При тоа, на Мирен сон, како лиценцирана фирма, да и обезбеди услови за користење на комуналната инфрсатруктура на гробиштата.
Како што е наведено од страна на Државниот комунален инспекторат- неопходен е интерен правилник со кој би се регулирале односите помеѓу Мирен сон и Јавното претпријатие, при што мора да биде утврден надомест кој приватното претпријатие ќе го плаќа за користењето на ладилник и мртовечница. Секој друг, дополнителен трошок, ќе биде оптеретување на граѓаните и ќе важи за прекршок од страна на ЈП Комуналец.