Кошаркарите на АВ Охрид ја продолжија победничката серија во подготвителните натпревари, совладувајќи го Пелистер во „Билјанини Извори“ со 87-63 (22-13, 18-19, 15-17, 32-13).
За избраниците на стратегот Петар Чочороски ова е четврта победа, откако претходните три ги забележаа на меѓународната турнеаја во Црна Гора и Хрватска.
Охридските бели на стартот наметнаа темпо кое им донесе предност од девет поени по првите десет минути од натпреварот.
Опуштеноста во охридскиот состав во втората и третата четвртина ја искористија гостински кошаркари кои успеаја да ја спуштат на минус пет.
„Галебите“ во последниот квартал распукаа буквално кон кошот на пелистерци и на крајот стигнаа до убедлива победа со 24 поени разлика.
Со 26 поени најмногу во охридскиот состав се истакна Милојевиќ, 17 поени реализираше Јанески, а Василиќ еден помалку.
Мх.П.