Министрите за одбрана на Република Македонија и на Република Албанија, Зоран Коњановски и Газменд Окета денеска во Охрид имаат неформална средба. Министрите ги придружуваат високи воени делегации на двете држави, предводени од началниците на генералштабовите на армиите, генерал-потполковникот Мирослав Стојановски и неговиот албански колега, бригадниот генерал Максим Малај.


Денешната средба е продолжение на добрата соработка помеѓу двете министерства и можност за размена на мислења за актуелните случувања во регионот, истакна министерот Коњаноски.

– Имаме одлична соработка со министерот Окета која трае веќе со години, преку Јадранската повелба, преку А3 групата, заедничките активности во рамите на ИСАФ и таквата соработка ќе продолжи, рече министерот Коњановски.


Коњаноски  истакна дека  Македонија останува на својот јасно определен курс за полноправно членство во Северноатлантската алијанса, во што, како што рече, бевме попречени од Грција.

– Ние бевме спречени за полноправно членство во Букурешт од Грција која се противеше на нашето уставно име. Се надевам дека кога ќе се реши тој проблем мошне брзо ќе се приклучиме кон НАТО, што е наша желба и наш пат, додадеКоњановски.