Корупцијата и начините за справување со неа е темата на која расправаат учесниците  на дводневната Регионална конференција, што започна денес, во рамките на Македонското претседателство со Комитетот на Министри на Советот на Европа.

Говорејќи за активниот придонес на МВР како една од институциите што имаат голема улога во таа борба, министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска потсети дека само во текот на минатата година полицијата открила и реализирала случаи на корупција во кои вкупната штета на државниот буџет изнесувала три милијарди денари.

Промена на законската регулатива, подобрување на координацијата меѓу институциите кои работаат на полето на борбата против корупцијата и организираниот криминал, надворешната соработка и обуките се само дел од елементарните реформи што Владата на Република Македонија ги презема во насока на справување со коруптивното однесување, истакна Јанкуловска.

Министерот за правда Михајло Маневски, потенцира дека нема дилема дека корупцијата, како криминален и социолошки феномен, како морален и етички проблем, во различен вид и интензитет е присутна во сите држави, независно од нивниот развој. – Корупцијата ја разнишува правната држава и го загрозува и нарушува квалитетот на животот, благосостојбата на граѓаните и развојот на демократијата, рече  Маневски.

На собирот насловен „Борба против корупцијата – Интегративна спрега од домашни и меѓународни активности“, учествуваат над 150 претставници од сите 47 држави-членки на Советот на Европа, делегации на државите од Западен Балкан предводени од министрите за правда, претставници на повеќе меѓународни организации, како и експерти по оваа проблематика од државите–учеснички на форумот.

OhridNews