Владата го задолжи Министерството за здравство во рок од два дена да достави информација во врска со случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“.

Владата на Република Северна Македонија на денешната 61-ва седница одржана онлајн, преку видео конференциска врска, го задолжи Министерството за здравство да ги разгледа детално информациите поврзани со објавената сторија на „Истражувачка репортерска лабораторија“, емитувана на програмата на Националната радио телевизија на 17 јули 2022 година, а во врска со Клиничката болница „Жан Митрев“, Скопје. Заради големиот број реакции во јавноста, Министерството за здравство е задолжено да подготви и во рок од два дена до Владата да достави информација во врска со овој случај, се вели во соопштението од Владата.

По објавувањето на сторијата „Нечиста крв“ на ИРЛ, Обвинителството оформи предмет.

Истражувањето на ИРЛ покажа дека приватната болница, која имаше најмногу пациенти за време на Ковид-19 пандемијата и во која лекувањето беше исклучително скапо, го применува методот на хемофилтирација (филтрирање на крвта), кој бил клиничка студија. Клиничките студии не биле пријавени и одобрени во МАЛМЕД. Скапото лекување на клиниката, кое чинело од 12 илјади евра па нагоре, всушност било дел од клиничка студија, во која Жан Митрев навел дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето.

OhridNews