Избегнување контакт со заболен, одржување лична хигиена, редовно миење раце, темелно миење на овошјето и зеленчукот пред конзумирање, чистење и дезинфекција на површини, а особено на детските играчки, препорачува Министерството за здравство за превенција од стомачен вирус од кој бројот на заболени е во пораст.
Стомачен вирус е заболување предизвикано од различни типови на ентеровируси. Ова заболување најчесто се појавува кај помладата популација, во текот на целата година, а особено на почетокот на пролетта и летото.
Најголем дел од заразените (над 90 отсто) не развиваат никакви симптоми, а кај останатите може да се појави покачена температура, симптоми на настинка, симптоми на гадење, повраќање, дијареа. Во многу ретки случаи стомачните вируси може да предизвикаат и компликации, особено кај лицата со намален имунитет, како што се: мозочни и срцеви заболувања, воспаление на бели дробови и друго. Стомачниот вирус најчесто се шири при контакт со заболено лице, или индиректно преку загадена вода, храна, предмети (детски играчки, прибор за јадење, и сл.).
За заштита и превенција од ова заболување се препорачува избегнување контакт со заболен, одржување лична хигиена, редовно миење раце, темелно миење на овошјето и зеленчукот пред конзумирање, чистење и дезинфекција на површини, а особено на детските играчки.
Поради можноста за индиректен начин на пренос, потребно е да се избегнува допирање на очи, нос и уста со неизмиени раце, а имајќи предвид дека вирусот почесто се појавува кај малите деца, посебно внимание треба да се обрне на одржување лична хигиена и развивање хигиенски навики кај децата. Исто така, особено е важно редовно миење раце на децата за време на престојот во градинка и училиште.
Лекувањето на стомачниот вирус кај полесните случаи опфаќа симптоматска терапија и конзумирање повеќе течности и витамини за да се спречи дехидрирање, додека кај поизразената клиничка слика потребна е дополнителна терапија по препорака на лекар.
OhridNews