Како што за OhridNews изјавија од министерството за образование, засега станува збор за вработување на само еден дефектолог, но не се исклучува можноста во текот на наредната година да бидат вработени уште дефектолози, согласно потребите на општината.
Од Локалната самоуправа објаснуваат дека подолго време се бара од надлежното министерство вработување на стручни лица во училиштата кои ќе работаат со децата со посебни потреби.
– Наш предлог беше тие да се вработаат во две поголеми или три помали училишта. Засега потребите ги покриваме ангажирајќи дефектолози кои работаат волонтерски. Вработен дефектолог единствено има во основното училиште Св. Климент Охридски каде функционираат паралелки за деца со посебни потреби. Со вработувањето на едно стручно лице, како што најавуваат од министерството за образование, делумно ќе се задоволат потребите. При тоа , ќе направиме програма согласно која ова лице ќе може да работи со децата во сите школи во општината, вели Митре Велјаноски, советник за образование при Локалната самоуправа.
Освен во Охрид, дефектолози ќе се вработуваат уште во 11 општини. Од надлежното министерство очекуваат со тоа да се реализира поквалитетна настава и подобар воспитно-образовен процес за сите деца кои се со посебни потреби, а се вклучени во редовната настава.