Државниот инспекторат за Локална самоуправа при Министерството за локална самоуправа, донесе решение со кое ја запре примената на Деталниот урбанистички план за Урбаната единица 8- Бејбунар, изгласан од Советот на општина Охрид на седницата која се одржа на 24 октомври.

Ваквата одлука Министерството за локална самоуправа ја објаснува со тоа дека посочениот ДУП, Советот го донел без согласност од Министерството за транспорт и врски, која прво била дадена, а потоа повлечена. Според Државниот инспекторат за локална самоуправа, за повлекувањето на согласноста Министерството за транспорт телефонски и писмено ги известило градоначалникот и претседателот на Совет на 21.10.2008. И покрај тоа на 24.10.2008 година Советот на општина Охрид го донел ДУП за Бејбунар, со што според Министерството за локална самоуправа прекршен е законот, поради што се запира неговата примена. Министерството за локална самоуправа најави дека ќе покрене  постапка пред Уставниот суд за оценување на законитоста на донесениот ДУП за Бејбунар.

Локалната самоуправа до сега не се огласи со реакција, но неофицијално дознаваме дека општината ќе ја оспори одлуката на Министерството за локална самоуправа со која се поништува одлуката на Советот за донесување на ДУП за Бејбунар пред Уставниот суд.

Според донесениот ДУП, во месноста Бејбунар се планира изградба на 39 станбени објекти, а спред Управата за заштита на културно наследство на тој простор треба да се направат археолошки истражувања, бидејќи се претпоставува дека тука има археолошки локалитет. За локалната самоуправа ваквите претпоставки не држат бидејќи при донесувањето на Генералниот урбанистички план врз основа на кој е донесен оспоредниот ДУП, надлежните државни институции немале никакви забелешки.

Ohridnews