За прв пат во историјата на македонското здравство, утрово од еден дарител беа експлантирани четири органи во еден акт информираат од Министерството за здравство упатувајќи благодарност за хуманоста на семејството, нивната љубов, добрина и емпатија која ја носат во себе.
Рано утрово ново срце почна да чука во градите на 40 годишен пациент од Скопје. Нова шанса за живот и црн дроб доби пациент со хронична црнодробна болест, а двајца пациенти на дијализа во текот на денот ќе добијат бубрези. Дополнитено шанса за поквалитетен живот наредниве денови ќе добијат пациенти со коскени заболувања, велат од МЗ.
Воедно уште еднаш се заблагодаруваат на семејството на донорот кои, како што велат, со нивната несебична одлука донесоа утро полно надеж и верба во безусловна добрина.
Благодарност до сите медицински тимови кои изминативе 24 часа работеа и се уште работат на скопските хируршки и интерни клиники. На пациентите кои добија органи им посакуваме брзо опоравување. Горди сме на секој нов успех во македонското здравство, додаваат од Министерството за здравство.
OhridNews