Предлог-законот за помилување е доставен во владина процедура, соопшти денеска Министерството за правда. Меѓу клучните новини содржани во овој Предлог-закон, како што информира Министерството за правда е прашањето за правото на претседателот да помилува лица од казна и од кривично гонење.

Ова, како што се наведува, беше едно од најекспонираните прашања за што работната група застана зад решението согласно кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.

Мошне значајни се и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување, каде се предвидени кратки рокови за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување. Притоа, тука се значајни и конретните одредби за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, но и на нивните претпоставени, се вели во соопштението.

Од ресорното Министерството потсетуваат дека минатата година беше формирана работна група составена од претставници од релевантните институции од правосудството, како и претставници од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија и од научната фела.

При изготвувањето на законот беа разгледани повеќе компаративни искуства од кои посебно се значајни решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската Унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи, стои во соопштението.

Причините за донесување на Законот за помилување, како што се наведува, пред се произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања кои се предлага да бидат регулирани со новиот Закон.

Постојниот Закон за помилување беше донесен во 1993 и претрпе бројни измени и дополнувања, а одредени одредби беа укинати од страна на Уставниот суд.

OhridNews