Предлог-одлуката на Центарот за светско наследство при УНЕСКО, Охридскиот регион да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност, не ги отсликува во целост реформите и сите активности кои се преземени од страна на централната и локалните власти до денеска, смета Министерството за култура.
Во периодот кој претстои, заедно со Република Албанија, ќе ги презентираме аргументите зошто Регионот не би требало да биде ставен во опасност, како и плановите за чекорите кои двете земји ќе ги преземаат во наредниот период._ велат од Министерството за култура.
Без разлика на крајната одлука, С. Македонија, во соработка со Република Албанија и Центарот за светско наследство, ќе продолжи активно да ги спроведува препораките на УНЕСКО за Охридскиот регион, додаваат од Министерството за култура.
Како што веќе објавивме, Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите Нации (УНЕСКО) препорача отстранување на подрачјето околу Охридското Езеро на албанската и македонската страна, како и на крајбрежјето на Ливерпул и долината Катманду од Списокот на светско наследство. Тоа значи дека постои опасност целосно да се отстранат од тој список.
Препораките, УНЕСКО ги објави пред состанокот на Комитетот за светско наследство, којшто го следи одобрувањето. Средбата ќе се одржи во Фужоу, Кина, од 16 до 31 јули..
Г.М.