Нагласи дека надлежното министерство ќе се сконцентрира особено на работењето на директорите на здравствените институции чие менаџирање постојано ќе се контролира, особено нивното справување со долговите, како и несовесното работење на вработените за кое ќе следуваат санкции.
Тодоров посебно се осврнува на листите на чекање. Има сознанија дека таквите листи се неформални и дека во некои клиники, имињата на пациентите кои чекаат за преглед или операција се напишани на обично ливче, потег кој некои доктори самоиницијативно го превземаат.
-Она што сега е фактичка состојба е дека таквите листи на чекање воопшто не се транспарентни. Тоа отвора широка можност за интервенирање внатре во листите, што отвора можност за корупција, истакна Тодоров.
Неговата примарна цел е да изгради здравствен систем кој ќе одговори на сите предизвици и аномалии кои ги има денес, на чие отстранување ќе се работи во идниот период.