Министерот за финансии во Владата на Р. Македонија, Трајко Славевски, ја потпиша одлуката за репрограмирање на долговите на Ј.П. „Охридски Комуналец“, дознава Ohridnews.
Се очекува во текот на наредните неколку дена одлуката на министерот за финансии да биде доставена до регионалната Управа за јавни приходи во Битола, како и до УЈП Охрид, со што ќе се отвори можност за плаќање на рати на долговите што јавното комунално претпријатие од Охрид ги има по основ на неплатен ДДВ, изјави за Ohridnews, Боро Павлоски-директор на Комуналец.
ЈП „Охридски Комуналец“ должи за ДДВ 2,5 милиони денари. Комуналец во барањето за репрограмирање побара можност долговите кон УЈП да ги исплаќа на рати во рок од една година, но од јавното претпријатие велат дека се подготвени ДДВ-то да го подмират и за 6 месеци.
Со одлуката за репрограмирање на долговите на ЈП „Охридски Комуналец“ се надминува кризата во работењето на јавното комунално претпријатие чија жиро сметка три недели во февруари беше блокирана поради долгот кон УЈП.
Г. Момироски