Долговите на охридската болница, опремата со која располага институцијата и која треба да се набави, изградбата на нова поликлиника-се дел од разговорите меѓу менаџментот на охридската Општа болница и министерот за здравствео, Венко Филипче кој денес е во работна посета на Охрид.
- Знаеме дека болницата има огромни долгови поради кои постепено почнува да се користи системот на исплата, како во ова институција така и во други низ земјата. Ќе разговараме и за градењето на новата поликлиника за која минатата година ја промовиравме физибилити студијата. Тука се и претставници на нашата проектна единица за да видиме што треба да се направи од градежен аспект за таа работа се заврши што побрзо и жителите на Охрид да имаат модерна и современа амбуланта, изјави министерот Филипче. За изградбата на поликлиниката се разгледуваат неколку можни локации од кои една е во самиот круг на болницата.
Во текот на посетата ќе се разговара и за расположивата опрема во болницата, како и за тоа што треба дополнително да се набави, како што рече министерот, согласно потребите на регионот, што значи дека скапите апарати ќе се набавуваат во една од болниците и ќе бидат ставени на располагање за потребите на пациентите во целиот регион.
Министерот Филипче денес во употреба го стави и новото возило за транспорт на пациенти, донација на Руски Транс и СОС Балкан медиа, фирми со кои и претходно министерството соработувало.
Во однос на проблемите со кои се соочува струшката болница министерот Филипче рече дека во тек е изработка на урбанистички план со кој се предвидува изградба на нова болница на друга локација со што во голема мера ќе се подобри квалитетот на здравствените услуги во оваа општина.
На новинарско прашање околу проблемот со недостиг на медицински персонал во здравствените институции низ земјава, министерот информира дека се воведува нова програма согласно измената на законот за здравствена заштита според која секој млад лекар кој ќе добие лиценца за работа, автоматски ќе добие и платена позиција во рамки на системот на примарна здравствена заштита.
OhridNews
|