Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски, во својство на претседавач со Комитетот на Министри на Советот на Европа, денес во Охрид,  ќе учествува на регионалната Конференција за независноста на уставните судови. 

Конференцијата, која ја организира Уставниот суд на Република Македонија има за цел да им овозможи на претставниците на уставните судови да разменат мислења за актуелната состојба и да направат преглед на состојбата на независноста на судството, со посебен акцент на улогата на уставните судови.

Помеѓу преставниците на  Уставните судови на Босна и Херцеговина, Црна гора, Словенија, Србија и Хрватска, на конференцијата ќе учествува и Претседателот на Европскиот суд за човекови права,  Жан Пол Коста.

Во рамките на конференцијата министерот  Милошоски, ќе оствари билатерална средба со Претседателот на Европскиот суд за човекови права Жан Пол Коста. На средбата ќе се разменат мислења за отпочнатата реформа на Европскиот суд за човекови права и улогата на Комитетот на Министри, ратификацијата на Протоколот 14 како и за спроведените реформи во сусдкиот систем на Република Македонија и соработката на Република Македонија со  Европскиот суд за човекови права.

OhridNews