Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска реагира на отстранувањето на спомен плочата во центарот на Охрид посветена на настан од Народноослободителната војна. Се работи за спомен обележејето кое се наоѓаше пред некогашната зграда на Синдикатот, каде за време на Втората светска војна бил сместен окупаторскиот фашистички суд во Охрид кој во 1941 година на смрт и тешка робија ги осудил Лазар Колишевски, Петре Пирузе, Андон Дуков, Кирил Главинчев и Јаким Спироски, за организирање востание. Оваа зграда со историска вредност со градежни зафати кои се уште траат, изменета е до непрепознатливост, а сега го нема и спомен обележјето од НОВ.

Костадиновска Стојчевска го осуди отстранувањето на спомен плочата, посочувајќи дека ваквиот начин на третирање на културно заштитеното наследство е казниво дело.

Ги повикувам надлежните институции, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за внатрешни работи и општина Охрид, како надлежна за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен обележјата, да постапат во рамки на своите законски надлежности и да ги разјаснат околностите, како и по чија вина е отстранета спомен плочата. Секој треба да биде одговорен, согласно законските обврски, и да придонесе кон почитување на историјата и историските настани, истакна Костадиновска Стојчевска.

Министерката за култура најави дека во случајот ќе биде постапено согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја и веднаш  ќе биде испратена  инспекција на терен за да се утврди фактичката состојба и примената на законот.

Г.М.