Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска имаше средба со македонската делегација во стрелаштво, која од 24 август до 5 септември ќе учествува на Параолимписките игри во Токио.

Како што соопшти МТСП на средбата е разговарано за подготовките на нашиот тим кој треба да учествува во натпреварите во стрелаштво. Стрелачката Оливера Наковска-Бикова е единствениот македонски учесник на Параолимпијадата во Јапонија.

Ви посакувам многу среќа и да ни се вратите со медали. По враќањето од Параолимписките игри ви стојам на располагање за средба и разговор за сите предизвици со кои се соочуваат нашите спортисти со попречености. Ќе разговараме не само за правата, туку и за услугите и потребите на лицата со попречености. Во планот на МТСП и на Владата е надоместокот за попреченост од наредната година да се покачи за 15 проценти, рече Шахпаска.

Стрелачката Наковска-Бикова рече дека е убедена оти ќе се пласира во финалето на Параолимписките игри во Јапонија.

Сигурно ќе успеам да се пласирам во финале во една од дисциплините. Имам три дисциплини, три шанси, здравје боже понатаму сè е среќа. Кога се влегува во финале се почнува од нула, претходниот резултат се брише, рече Наковска-Бикова.

Наковска-Бикова на 31 август ќе се натпреварува во стрелаштво со воздушен пиштол на десет метри, на 2 септември со спорт пиштол на 25 метри и на 4 септември – со пиштол по слободен избор на 50 метри.

OhridNews