Министерката Елизабета Канческа – Милевска, која викендов е во Охрид, вчера, го промовира локалитетот „Манчевци“ , каде во текот на изминатиот период беше извршена конзервација на ранохристијанска базилика која датира од четвртиот до шестиот век од нашата ера. Локалитетот е целосно илуминиран и покриен.

– Овој локалитет е од огромно значење, како за културниот туризам на Охрид, така и за промоција на богатото културно наследство што го поседува Република Македонија. За проектот што се спроведуваше во неколку фази, Министерството за култура издвои 5,5 милиони денари, во чии рамки беа извршени системско археолошко истражување на локалитетот, консолидација на објектот, конзервација на сите мозаични подови, а беа поставени и автентичните столбови откриени на локалитетот.- појасни министерката Канческа – Милевска.

Таа потсети дека со поддршка на Министерството за култура се спроведуваат уште неколку проекти во Охрид.

– Со поддршка на Министерството се спроведуваат уште некоколку проекти како  обновата на Светиклиментовиот универзитет, реставрацијата на црквата „Света Богородица Перивлепта“ каде до крајот на годината ќе бидат освежени архитектурата на објектот, фрескоживописот и камбанаријата, а продолжуваат и проектот за обнова на фасади на репрезентативни објекти во градот, како објектот на „Радио Охрид“ и на „Магазата“.- истакна Канческа-Милевска.

OhridNews