Силна детонација одекна вчера попладне со која беше урнат дел од спорниот објект „Космос“ чиј инвеститор е пратеникот и лидер на ПЕИ Фијат Цаноски, пренесува „Макфакс“.
 
Портпаролот фирмата „Фине“, Катерина Цаневска – Арсовска за Макфакс потврди дека во 18:30 часот бил миниран дел од објектот  „Космос“

 „Градоначаликот на Општина Гази Баба попладнево организираше минирање на дел од објектот, без притоа да ги извести жителите на соседните згради“, изјави Цаневска – Арсовска.

 Претходно во текот на денот Цаноски јавно ја повика општината што побрзо да го урне комплексот, односно она што сметаат дека е незаконско, за да може да продолжи изградбата на „Космос“,

 Притоа Цаноски најави дека фирмата ќе го запази претходно дадениот рок за градба до декември 2012 година.

 Комплексот “Космос“ почна да се урива пред две недели бидејќи, според општинските власти, бил надвор од рамките на проектот за кој добил одобрение за градба издадено од службите на Општина Гази Баба.

Целата градба била повисока за метар и 43 сантиметри во однос на апсолутната кота којашто била измерена од геодетска фирма.

Комплексот се градеше покрај Вардар кај мостот “Близнак“, во непосредна близина на Универзитетот ФОН, кој исто така е во сопственост на Цаноски. Предвиден беше како луксузен станбено-деловен комплекс со 562 стана.

Денеска на иницијатива на Цаноски, чија партија е во коалиција со СДСМ, ќе се одржи средба во седиштето на партијата со другите политички партии што се во коалицијата.

OhridNews
 извор: „Макфакс“