Фудбалерите на Охрид запишаа нови три бодови на табелата во Втората македонска фудбалска лига-запад, победувајќи го Вардар Форино со минимални 1-0 (1-0), во 15-та рунда од шампионатот.
За „рибарите“ ова беше прва гостинска победа сезонава, инаку, седма вкупно во второлигашката конкуренција. Со новите три бодови, охриѓани, сигурно есенската полусезона ќе ја завршат во горниот дел од табелата.
Првите 45 минути поминаа во знакот на охридските фудбалери. Од неколкуте изгледни прилики реализираа една, во 41-та минута кога Шериф Реџепи со глава ја погоди мрежата на домаќините.
Претходно, два пати се закани Александар Целески. Еден негов обид заврши во гредата, додека во вториот топката помина покрај голот. Потоа следуваше удар на Реџепи кој биеше над голот и добра одбрана на домашниот голман после обидот на Наум Вељаноски.
Во 41-та минута, Реџепи се најде на вистинско место после нафрлувањето на Бурхан Алији и со мала помош од домашната одбрана ја погоди мрежата.
„Рибарите“ не го започнаа најдобро вториот дел и на домаќинот му дозволија мала иницијатива. Вардар Форино не успеа да створи прилика за погодок, а во меѓувреме охриѓани ја стабилизираа играта.
Потоа, охридските фудбалери го презедоа кормилото во мечот и почнаа да го притискаат противникот. Шансите се редеа пред гол на домаќините, но охриѓани затаија во реализацијата. Изгледни прилики за погодок промашија Целески и Реџепи, кои можеа порано да стават точка на натпреварот.
„Рибарите“, во последната рунда од есенската полусезона на домашен терен ќе го пречекаат Кадино.
Mх.П.