Меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски претпладнево од градското пристаниште го започна пренуркувањето на Охридското Езеро. На почетокот од амбициозната мисија која ќе има и научно – истражувачка димензија, Секулоски беше придужуван од педесеттина нуркачи од Макединија и Албанија, меѓу кои и припадници на специјалните единици на АРМ и МВР. Понатаму Секулоски ќе биде пратен од екипа од неколкумина нуркачи, а ќе има и соодветната логистичка поддршка од Црвен крст Охрид и извидничкиот одред „Пионер“ од Охрид. 

Дневно Секулоски планира под вода да поминува по еден километар од Охридското Езеро. Ќе нурка во правец кон Струга, а во албанскиот дел од Езерото ќе го прати неговиот колега од Поградец Енрик Мато. 

-Ќе нуркаме на длабочина од 5-15 метри во должина од 80 километри и 332 метри од двете страни на езерото. Целта не ни е само да го пренуркаме Охридското Езеро, туку и да снимаме и фотографираме под вода и позиционираме работи кои ќе ги пронајдеме, што сметаме дека ќе биде од интерес на научните институции како Хидробиолошкиот завод и Завод и Музеј Охрид.-изјави Секулоски.

За време на потфатот Секулоски ќе го следи и медицинска екипа предводена од Д-р Горан Балески, а подготвена ќе биде и хипербарична комора во случај да биде потребна интервенција на било кој член од нуркачката екипа.

-Сметам дека се ќе биде во ред, затоа што Секулоски е во топ форма, нурка секој ден, така што не очекуваме да има проблеми, но ние сме подготвени да реагираме брзо и соодветно. Подготвени сме максимално, исто така и хипербаричната комора е подготвена. Не е едноставно секој ден да се нурка, 90-100 дена, тоа е голем притисок и товар за организмот бидејќи тоа ја зголемува сатурацијата на азот во телото, но ние сме подготвени и внимателно ќе ги следиме нуркачите вклучени во проектот.-изјави Д-р Горан Балески.

Покровител на проектот е претседателот на државата Д-р Ѓорѓе Иванов, а институционална поддршка пружаат министерствата за внатрешни работи и за одбрана, каде Секулоски работи во полкот за специјални операции. Генерален спонзор е „Пелистерка“, дел од опремата за овој несекојдневен потфат обезбеди познатата компанија за производство на нуркачка опрема „Скуба-про“, а поддршка даваат локалната самоуправа и бројни други помагатели. 

– Овој подвиг е многу поголем од тоа што го гледаме. Во светот не постои ваков настан и треба да го популаризираме и да известуваат медиумите за тоа. Со овој потфат се зголемува и туристичката понуда на Охрид,а ќе се изготват и исклучителни промотивни материјали.-рече заменик градоначалникот на Охрид Ангел Јанев.

Целиот проект предвидено е да трае од три до четири месеци. Потфатот на искусниот меѓународен нуркачки инструктор Милутин Секулоски ќе биде преточен во документарен филм, а ќе биде реализирана и изложба на фотографии.

Г.М.
фото: Емил Јовановиќ