Спорот со Грција не е за името, туку има за цел да наштети на националниот идентитет на македонскиот народ, изјави денеска министерот за надворешни работи Антонио Милошоски во НУБ „Св. Климент Охридски“ каде се одржа промоција на стручни книги што се користат во САД и ЕУ.

Коментирајќи ја изјавата дадена деновиве на амбасадорот на Грција во Вашингтон Алаксандрос Маљас дека предлогот „Република Северна Македонија“ може да доведе до решение за спорот, Милошоски посочи дека спорот со јужниот сосед не е само за името и дека тој има една скриена агенда која сега веќе станува и отворена, да наштети на идентитетот на  македонските граѓани

– Ако оние кои веруваат дека со лесни и брзоплети отстапки по однос на уставното име на Република Македонија ќе направиме нешто што ќе го зацврсти нашето национално достоинство сметам дека треба да се преиспитаат, бидејќи тука притисоците нема да запрат, рече Милошоски.Како политичари, како новинари и како граѓани на Репбулика Македонија имаме суверено право врз основа на меѓународните норми, но имаме и обврска да го заштитиме нашето национално достоинство, додаде Милошоски.

Тој посочи дека определувањето на обележјата на суверенитетот на една држава не зависи од изјавата на еден грчки амбасадор, ниту пак од волјата на една грчка влада, бидејќи, како што рече, „поминаа времињата кога туѓи влади одлучуваа за Репбулика Македонија“. Денес Македонија е независна држава и суверено право е на граѓаните на Република Македонија да одлучуваат за Република Македонија, истакна Милошоски.

Министерот за надворешни работи изјавата на Маљас дека предлогот „Република Северна Македонија“ може да доведе до решение, ја оцени како еднострана идеја која се уште не е конкретизирана и одговара само на една страна.

– Во употребата во Грција на терминот Македонија има доволно географија за што сметам дека дополнителна географија не е потребна за да се прави разлика со Република Македонија која е основана како држава и се наоѓа на истото место од своето основање, не е поместена ниту посеверно, ниту појужно, ниту позападно, ниту поисточно и кога сме се основале како држава во 1945 година во тогашната Југославенска Федерација Грција немала никакви пречки со нашето уставно име. Напротив, имаме дописи со кои тогашната Канцеларија на врски во Скопје го употребувала без проблеми уставното име на Република Македонија, истакна шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски.

Ohridnews