Mакедонија ги исполни критериумите за членство во НАТО и сега останува да продолжи дијалогот со Атина преку посредникот Нимоц, но во овие моменти имаме чувство дека кај другата страна не постои расположение, односно дека се има еден ретрограден и неконструктивен став кој не оди во прилог за стигнување до разумно решение. Ова го  изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски кој во својство на носител на кандидатската листа на коалицијата „За подобра Македонија“ денеска се сретна со членството и граѓаните во Струга.
 
„Сметам дека Македонија заедно со своите  пријалтели од меѓународната заедница наскоро ќе има можност  да се обиде да го добие она што го заслужува, а тоа е поканата за членство во НАТО“, рече Милошоски. Тој не сакаше да прецизира конкретен датум кога тоа би можело да се случи, но рече дека ќе се направат напори тоа да биде  што е можно побрзо во рамки на реалните и разумни очекувања. Запрашан што доколку не биде добиена покана за членство, Милошоски рече дека очекува Македонија да направи максимални чекори и да си ги оствари своите национални цели.

Милошки смета дека изборните инциденти  сериозно го загрозуваат угледот на одредени политички партии во земјата или на дел од нивните активисти на што, како што рече,  тие треба да обратат особено внимание. Изборите имаат за цел на демократски начин да бидат избрани пратеници, а не да се избере насилството, поради што е потребно сите да се воздржат од било каква злоупотреба на изборниот процес, рече Милошоски. Тој упати апел до партиите од албанскиот политички блок да демонстрираат демократска зрелост со цел достоинствено да бидат спроведени изборите на 1 јуни. Македонија има капацитет да организира фер избори со што ќе докаже дека припаѓа на европското демократско семејство, рече Милошоски.


Министерот за надворешни работи смета дека изборните инциденти  ги прават оние кои не водат сметка за националните интереси на Македонија. „Доколку се тоа поединци кои  ќе бидат санкционирани, тогаш сметам дека штетата би била помала. Но, доколку тоа е нешто смислено сметам дека може угледот на земјата да стане  заложник и затоа институциите ќе вложат максимални напори секој еден кој се огрешил пред законот и бил сторител на вакви инциденти да ја добие заслужената казна“, рече Милошоски.

Во врска со објавувањето на зборник во Бугарија кој ја негира македонската нација, министерот Милошоски истакна дека не треба да им се придава внимание на личности кои не го заслужуваат вниманието на македонците.

ohridnews