Грчката дипломатија направи нефер потег со обелоденувањето на најновиот предлог за решавање на спорот со името во грчките медиуми, изјави денеска во Охрид  министерот за надворешни работи на Р. Македонија, Антонио Милошоски. „ За да има успех овој процес на разговори помеѓу Македонија и Грција треба да имаме взаемна доверба и фер односи. Објавувањето на  предлогот на медијаторот во разговорите за името, Метју Нимиц, во некој од медиумите во Грција, а најверојатно како извор од нивното министерство за надворешни работи не е фер однос“, рече Милошоски.

Милошоски смета дека прикажувањето на  снимки од настаните во Белград на грчката национална телевизија која истите ги претставила како насилство што се случило во Скопје, претставува злоупотреба и ја нарушува довербата помеѓу двете земји. „И покрај ваквите неконструктивни постапки Република Македонија ќе продолжи со еден  конструктивен пристап со цел овој дијалог да продолжи каде што секој ќе има право и можност да ги каже позициите со кои се согласува или не се согласува и кои се согласно нашите државни интереси а кои не се согласно нашите национални приоритети“, рече Милошоски.

Во врска со изјавата на портпаролот на грчкото МНР дека решавањето на спорот со името е услов за влез на Македонија во НАТО, Милошоски рече дека во недела политичките лидери ќе имаат уште една средба на која ќе биде утврден конечниот став на Македонија  кој потоа ќе биде обелоденет.

Милошоски денеска во Охрид се сретна со летонскиот колега Марис Риекстинс.

На средбата во владината вила се разговарало  за билатералните односи помеѓу двете земји, при што од негова страна била најавена подршка на еврроатлантските интегративни процеси на Македонија. Риекстинс по средбата истакна дека Летонија ја подржува кандидатурата на Македонија за членка на НАТО и дека земјата со внатрешните реформи и учеството во мировните мисии во светот заслужува да добие покана на самитот во Букурешт.  Летонскиот министер за надворешни работи изрази надеж дека Македонија годинава ќе ги отпочне и разговотите за прием во ЕУ и најави дека неговата влада ќе ја помогне земјава кон остварување на европската цел.


Риекстинс и Милошоски

Двајцата министри разговарале и за Косово, при што искажаа загриженост за последните случувања во Белград.

Горан Момироски
фото: Васко Бујароски