Уредување на парковите на влезовите на Охрид за разубавување на ликот на градот, најави кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Митре Милошевски на денешната прес конференција презентирајќи дел од предизборната програма.
- За градот да биде поубав целта е изнаоѓање системски решенија во инфраструктурата, водоснабдувањето и канализациониот систем како во градските така и руралните средини. Охрид не може да си дозволи да нема водовод и канализација, да биде затрупан со ѓубре, да има лоши улици, рече Милошевски.
При тоа, најави изградба на водоводна мрежа во Рача, Горно Лакочереј, Пештани, Лагадин, Куратица и Ливоишта, но и на улиците: „Јане Сандански“, „Васил Стефоски“, „Христо Узунов“, „Абас Емин“, „Будва“ и „Вардар“. Реконструкција и изградба на канализационен систем, фекална канализација во Трпејца, Велгошти, Рача и Лескоец 4 фаза, но и на улиците: „Железничка“, „Стив Наумов“, „Абас Емин“, „Будва“, „Александар Турунџиев“, „Ристо Чадо“. Изградба на атмосферска канализација на улиците „Абас Емин“, „7 Ноември“, „Никола Карев“, „Будва“,„Охридати“, „Ристо Чадо“.
- Инфраструктурата, комуналните работи и живтоната средина мора да бидат приоритет за градот да биде убаво место за живеење. Со уредувањето на зелените површини добиваме поубав и почист град и поздрава животна средина. За поубав и позелен лик на градот се проектите: Проект за финансирање на кампањи за почист град, за подигање на свеста, за чување на општествени добра, за заштита на човекова околина; Мерка 1:10 со која за секое пресечено дрво во централното градско подрачје да се засадат 10 нови дрвца, нагласи Милошевски.
OhridNews