Во мене младите ќе имаат искрен пријател и поддржувач на се’ она што сакаат да го прават. Сите заедно имаме знаење, сила и храброст за нови идеи, а имаме и моќ да ја насочуваме иднината во позитивна насока. Грижата за младите луѓе претставува грижа за иднината и затоа со програмата За убав град за младите има низа проекти, рече на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Митре Милошевски.
Милошевски најави изградба на 40 станови за млади брачни парови, стипендии за талентирани студенти, средношколци и основци, стипендирање на социјални категории на студенти, средношколци, основци.
- Целта на проектот е мотивација на најдобрите учиници, основци, средношколци и студенти да продложат во научното инвестирање. Со ваквиот тип на субвенционирање се вложува во домашниот буџет и се поттикнуваат децата на научен натпревар помеѓу себе, рече Милошевски.
На последниот ден од предизборната кампања, Милошевски најави и ангажирање на најдобрите студенти од најдефицитарните занимања како квалитетни кадри на општината, бесплатни карти за превоз на учениците 24 часа за сите ученици од основно и средно образование, формирање на претприемачки инкубатор за нови бизниси за млади лица.
- Со овој проект се предвидува формирање на претприемачки инкубатор за почетници, со што би се овозможило изнајмување на простории со повластени цени, располагање со деловна инфраструктура, интелектуални и деловни услуги, како и советодавна поддршка за успешен развој на своите идеи и бизнис. Воедно би се добивале и техничка поддршка во насока на развој, сметководствени и маркетиншки услуги и програми за едукација и советодавна помош со цел изнаоѓање на финансиски средства преку национални и меѓународни проекти, потенцира Милошевски.
Кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ најави и поддршка за отварање на бизниси за млади, договор помеѓу општината, бизнис заедницата и средните стручни училишта, субвенции за вработени во туризмот.