Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ ги напушта државните функции, а на премиерската функција, доколку Демократската партија на социјалистите (ДПС) го добие мандатот за составување на нова влада, ќе го замени Душко Марковиќ. Главниот одбор на ДПС дополнително ќе одлучува по предлогот на претседателството на партијата Марковиќ да биде кандидат за нов мандатар на црногорската влада, по парламентарните избори кои се одржаа на 16-ти октомври.

Кандидатурата на Марковиќ, највисоките партиски органи ја утврдиле на седницата одржана во вторникот и таа не претставува изненадување за црногорската јавност, иако Ѓукановиќ за време на предизборната кампања не се изјасни околу својот натамошен политички ангажман.

Мило Ѓукановиќ, во минатото, двапати ја напуштал премиерската функција, но секогаш се враќал на чело на црногорската влада, со објаснување дека неговото искуство е потребно за државата. Сепак, овојпат нема сомнение дека тој се повлекува од државничките функции, иако има мислења дека ќе се кандидира за претседателските избори во 2018 година.

На изборите одржани на 16. октомври, ДПС освои 36 пратенички мандати, но партијата сама не може да формира влада. Поради тоа во партијата сметаат дека во коалиција со партиите кои ги застапуваат интересите на малцинствата ќе имаат мнозинство во парламентот. Со четирите пратеници на малцинствата и двајца на Социјалдемократите, ДПС би имал мнозинство од 42 пратеника во парламентот кој брои 81 пратеник.

OhridNews
извор Макфакс