Општина Охрид во 2008 година планира да инкасира повеќе милиони евра во буџетот на име комуналии од изградба на нови хотели на ривиерата.
Во тек е тендерска процедура за изградба на хотел кај Горица која ќе заврши на 18 јануари. Почетната цена е 900.000 евра, а само од таа локација општината планира да инкасира 400.000 евра за земјиштетото без трошоци за уредување кои изнесуваат 2-2,5 милиони евра, информираат од Секторот за урбанизам.
Покрај на оваа, хотели е предвидено да се градат на уште неколку други атрактивни локации, кај детската болница, во Далјан и кај авто-кампот „Андон Дуков“.
Трендот на масовна урбанизација на Охрид ќе продолжи и во градското подрачје каде според урбанистичките планови предвидено е да започне градба на десетина станбено деловни објекти. На овој начин градските власти планираат да го реализираат буџетот на општината, кој годинава е проектиран на 559 милиони денари или нешто над 9 милиони евра.
Г. Момироски