Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за квалификациските натпревари на македонската репрезентација за пласман на Светското првенство 2022 година.
Нашата најдобра селекција на 2. септември ќе се соочи со Ерменија на домашен терен, на 5. септември гостуваме во Исланд, а септемврискот прозорец од квалификациите за СП го затвораме на 8. септември на Националата арена „Тодор Проески“ во натпревар против Романија.
Одлучив на овој собир да ги повикам фудбалерите кои имаат собрано големо искуство во националниот тим. Во тимот се повикани и неколку повратници, како и тројца дебитанти. Се радувам на овој собир, со нетрпение ја очекувам повторната средба со голем дел од фудбалерите кои беа дел од репрезентацијата до 21 година. Максимално сме фокусирани на првиот натпревар против Ерменија. Станува збор за квалитетна репрезентација која и на минатите средби од Лигата на нации покажа дека е силен ривал со квалитетен селектор, изјави попладнево Милевски на онлајн прес-конференција.
Под негово водство во репрезентацијата по подолго време се врати напаѓачот Адис Јаховиќ
Верувам во квалитетите и потенцијалот што го поседува Адис Јаховиќ, ќе биде од голема важност за тимот во нападот, по заминувањето на Пандев, Тричковски и Велковски. Сега се наоѓаме во некоја транзиција и делумно подмладување и сигурен сум дека момците ќе дадат сè од себе за да го надополниме тој минус што овие тројца го оставаат зад себе. Во репрезентацијата се одлучив да ги повикам Александар Трајковски и Ѓоко Зајков, фудбалери кои немаат настапи во клубовите, меѓутоа имаат големо искуство кое ќе ни биде потребно за септемвриските квалификации. Бејтулаи е на поширокиот список, но моментно на таа позиција на која го планирам, како десен бек, во моментов Стефан Ристовски и Тодор Тодоровски се во подобра форма. Но, тоа не значи дека јас се откажувам од него, а иста е ситуацијата и со Влатко Стојановски. Не се откажувам од нив, ниту имам право да се откажам од нив, но ако не се најдат на овој список сега, не значи дека ќе ги нема и во октомври. Сепак, од нив зависи во каква форма ќе бидат, истакна Милевски.
Македонската репрезентација ги продолжува мундијалските квалификации на 2 септември против Ерменија на домашен терен, по што на 5 септември гостува на Исланд, а три денови подоцна во Скопје ќе ја пречека селекцијата на Романија.
OhridNews