Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски вечерва на официјалната прес-конференција, во пресрет на утрешниот натпревар против Ерменија ги сподели своите очекувања за мечот во Ереван од квалификациите за СП 2022. Вели дека двете селекции имаат свои шанси за второто место, а победа е опција за нас и за Ерменија. Според Милевски, ова ќе биде поразличен меч од тој во Скопје. На домашен терен, македонските фудбалери ја имаа доминацијата, но очекувањата се сега за сосема поразличен, отворен дуел на двете страни.

Поради повреди Милевски нема да може да смета на неколкумина стандардни репрезентативци, но очекува целиот тим да го даде својот максимум.

Се разбира дека отсуствата поради повреди на играчи од калибар како Адеми и Барди, а сега и Стефан Ристовски, Ракип, Јаховиќ и Николов ни создаваат проблеми. Но, сигурен сум дека сите оние што ќе настапат ќе го дадат максимумот на овој натпревар. Има влијание тој недостаток, особено што не можам да сметам на сите играчи од средниот ред. Македонија е во фаза на создавање на тим и ни треба костурот на селекцијата во наредните четири години. Но, сега не се откажуваме и секоја шанса за тоа второ место ќе се обидеме да ја искористиме, посочи Милевски. 

Играчот од средниот ред Енис Барди оцени дека македонската репрезентација утре во Ереван ја очекува важен меч од кој „црвено – жолтите“ можат да излезат како победници само ако дадат максимум на теренот.

Веројатно ќе решаваат ситници на утрешниот натпревар. Најважно е ние да сме подготвени и да знаеме што бараме на теренот. Овој меч е многу важен и за нас и за Ерменија. Треба да влеземе на терен со заедништво како никогаш досега и тоа е клуч за победа. Имаме нови фудбалери и треба време за да се вклопиме, но тоа не е некој преголем проблем. Ние сите сме свесни што нè очекува и мора да дадеме сè од себе. Тоа е најважно, изјави Барди на вечерашната конференција за новинари во Ереван.

По завршувањето на Европското првенство сите очекуваат повторно нешто големо, но ние мора да одиме од меч во меч, додава Барди. Според него мора да има големо трпение бидејќо секој меч носи нешто ново.

Со оваа сегашна генерација со новиот селектор со кој долго време се знаеме, а имаме и некои нови играчи, мора да сме трпеливи, зашто секој меч ни носи нешто ново, а ништо негативно, без оглед дали сме победиле или загубиле. А, Македонија досега покажа доста, покажа дека игра за нешто, игра за нешто убаво и игра добро, а не за петто или четврто место. Мислам дека направивме доста многу добри работи и само треба да продолжиме така, додаде Барди.

Натпреварот во Ереван, кој е претпоследен за македонската репрезентација во квалификациската група Ј, ќе се игра на националниот стадион во Ереван со почеток од 18 часот.

 

OhridNews