Селекторот Благоја Милевски и голманот Столе Димитриевски побараа од навивачите масовна поддршка за утрешниот натпревар на македонската фудбалска репрезентација против Грузија на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, во рамки на третото коло од Лигата на нации.

Посакуваме исполнет стадион кој ќе биде додатен стимул за нас како тим, да ја осетиме таа домашна публика. Поддршката ни е многу потребна. Победата (на Грузија) од 5:2 над Бугарија може и не мора да значи ништо. Очекувам поразличен меч од оној нашиот со Бугарија и оној нивниот, изјави Милевски на вечерашната официјална прес-конференција.

Тој истакна дека македонските играчи ќе мораат да дадат максимум за да ја победат Грузија.

Ќе се потрудиме да бидеме подобри утре во однос на претходните два меча. Има разлика од оваа Грузија во однос на Грузија од нашите минати дуели. Имаат нов селектор, нова визија, нема ништо слично од она што беше и ова што не чека. Не се оптоваруваме многу од важноста на утрешниот меч. Да се даде максимумот и да се постигна успех, порача Милевски.

Поддршка од навивачите побара и голманот Столе Димитриевски, истакнувајќи дека Грузија е сериозен противник.

Сакам полн стадион, сакам голема, најголема поддршка. Со публиката и со нашиот квалитет ќе биде полесно да славиме со победа. Јас секогаш сум пресреќен кога играм дома. Со полн стадион ќе ни биде полесно како што тоа било и во минатото, изјави Димитриевски.

OhridNews