Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски смета дека неговите избраници ја надиграа репрезентацијата на Бугарија на натпреварoт од Лигата на нации кој заврши 1:1.

Мислам дека Македонија беше многу подобар тим на теренот. Не сум задоволен од резултатот. Ги контролиравме настаните, имавме добри ситуации кои не ги реализиравме, но јас сум среќен со изданието на мојот тим, истакна Милевски.

Неговиот колега од бугарскиот национален тим, Јасен Петров смета дека неговата селекција може повеќе.

Нашата желба беше да победиме, но вистината е дека сретнавме многу добро воигран противник. На моменти не успеавме да ја контролираме средината на теренот. Направивме многу грешки. Знам дека нашиот тим може повеќе. Играчите сакаа да победат, наша грешка беше примениот гол, истакна Петров.

Македонската фудбалска репрезентација вчера во Разград одигра 1:1 против Бугарија во 1. коло од четвртата група Ц-сегмент во Лигата на нации.

Домаќинот поведе преку Кирил Десподов во 13. минута, конечните 1:1 ги постави Милан Ристовски во 50. минута. Македонците доминираа во најголемиот дел од натпреварот, го имаа поседот на топката и контролата на играта и заслужија многу повеќе од реми. Бугарите освен неколку непрецизни удари, во последната минута се понадеваа на втор гол, откако судијата покажа пенал, но со помош на ВАР одлуката беше променета и добија само корнер.

Ова беше осми меѓусебен натпревар на двете репрезентации, прв официјален и втор нерешен исход. Претходно Македонците имаат две победи, Бугарите четири. За време на целиот натпревар „црвено-жолтите“ беа бодрени од стотина гласни македонски навивачи.

Во следното коло, македонската репрезентации гостува кај Гибралтар (5 јуни), а потоа јунскиот прозорец гон продолжува со два домашни натпревара, со Грузија (9 јуни) и Гибралтар (12 јуни)

OhridNews