Советниците на денешната одржана триесет и трета седница дадоа согласност на Одлуката за работа на групи со поголем, односно помал број деца од законски утврдениот број во ЈОУДГ„Јасна Ристеска“- Охрид, систематизацијата на работните места, како и годишната програма.
На една од минатите седници носевме одлуки со кои училиштата формираа паралелки со помал број од законски дозволените и ги потенциравме факторите кои довеле до таквата ситуација, рече советничката Живка Ангелоска.
Оваа одлука која сега ја носиме е доста општа е во рамки на Законот затоа што и се дава можност на градинката да формира и групи и со помалку и со повеќе деца. Сакам да добиеме појаснување од страна на директорката како влијае иселеноста во градинката, една споредба во однос со минатите години. Ме интересира со оглед дека прочитав во вашата програма дека капацитетот е околу 650 дечиња колку истиот е пополнет и по кој критериум се утврдува кое дете каде ќе биде распоредено и како планирате колку групи ќе формирате со помалку или повеќе дечиња, колку ќе биде таа бројка над пропишаното во Законот и возраста и дали доколку формирате групи со поголем број деца од предвидените ќе добијат ист квалитет на услугата. Дали ќе може персоналот да одговори на групите кои ќе бидат со поголем број деца, праша Ангелоска.
Директорката на градинката Ирина Милеска истакна дека оваа Одлука се носи секоја година, бидејќи капацитетите на градинката се од 650-700 деца и ако не се донесе истата ќе треба пола деца да се отпишат од градинка.
Во текот на оваа година според барањата кои се поднесени во летниот период најголем интерес има за уписи на децата од 0 до 4 години, во јаслениот и градински дел, додека послаб е од 4 до 6 години. Се соочивме ова лето и со зголемен број на деца во јаслениот дел каде беа присутни и по 30 бебиња, а ние немаме колективен одмор и тогаш го користиме одморот. Во однос на квалитетот на услуги кои ги даваат вработените постојано се подобрува и надградува со обуки. Во моментот во градинката јас сум дефектолог. Имаме зголемен број деца со посебни потреби. Според барањата и поднесените документи од страна на родителите 25 деца имаме со потврда од доктор дека имаат проблем во развојот, но таа бројка е многу поголема. Од 4-5 деца имаме со посебни потреби во секоја група, а од 1123 запишани деца 500 деца имаат говорни нарушување. Моментално два месеци на обука и на пракса се три студентки од Р. Србија кои се воспитувачи и се вклучени во групите каде имаме повеќе деца со посебни потреби и се од голема помош на воспитните тимови. Со децата со посебни потреби работат и студенти, дали логопед или дефектолог кои се при крај на студиите или се на мастер студии по три-четири месеци со документ од факултет.
Во однос на условите во градинката вели Милеска засега се задоволителни, а отприлика бројката на дечиња кои секојдневно ја посетуваат градинката е од 800 до 900 деца.
Бројката се менува зависно од периодот. Во просек во една група има од 17 до 20 дечиња и се запазуваат нормативите на работењето. Се соочуваме со поголем проблем родителите да не ги плаќаат редовно сметките во износ од 1490 денари.
Советничката Виолета Аврамоска упати прашање во поглед на тоа дали со формирање на овие групи би се решил проблемот со децата кои се на листа на чекање.
167 деца се моментално на листа на чекање, ако некое дете не доаѓа подолг период во градинка го отпишуваме, зошто сметаме дека тоа дете штом не доаѓа нема потреба, и ги надополнуваме местата со децата кои се на листата на чекање. Во врска со иселувањето потешко е да се запишат во градинка во странство и родителите чекаат да пораснат и да можат дирекно да одат на училиште. Ги запишуваме децата според адреса на живеење, но ако има слободни места ги упатуваме и во другите градинки.
Во поглед на измените во систематизација кои советниците требаа да ја гласаат Милеска истакна дека останало празно местото на благајникот, а истото не било предвидено во старата систематизација, како и одредени измени во поглед на подобрување на квалитетот на згрижување и услугите.
Во изминатата систематизација беа предвидени шест ментори, а ние сметавме дека се премногу бидејќи ни фалат воспитувачи и негователи, затоа на местото на три ментори се додадени воспитувачи и негователи. Во старата систематизација беше предвидено место за педагог по англиски јазик, но бидејќи физичкиот развој на децата оди наназад сметавме дека подобро е да се прими професор по физичко воспитание, за да се подобри психо-физичкиот развој на децата. Од Министерството е побарано да ја замениме систематизацијата за да може согласностите за работа да се предвидени и да ги надополниме местата, додаде Милеска.
Н.С.Ј.