Новата управа на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар на денешната прес-конференција ја презентираше финансиската состојба и целта на акцијата за спас на „црвено-црните“.
ФК Вардар се наоѓа во тешка финансиска состојба со блокирана сметка и долгови од околу три милиони евра. Сепак предводникот на новото раководство, Милорад Миленковски од навивачката група Комити, верува дека клубот може да се „дигне“, а како прв чекор е акцијата со продажба на сезонски билети.
Покажавме дека со нашиот ентузијазам, со единство и со нашата љубов кон клубот успеавме да го вратиме клубот во Првата лига. Следно е нашата акција која има за цел да се продадат што е можно повеќе годишни билети за следење на натпреварите на ФК Вардар со што се планира колку толку да се санира финансиската ситуација. Амбицијата ни е да собереме околу 500 илјади евра. Очекуваме поддршка од институциите во државата, навивачите на Вардар. Клубот е на народот, па затоа ги повикуваме сите скопјани и Македонци воопшто да бидат дел од најголемата спортска акција, рече Миленковски.
Акцијата на Комити доби поддршка и од фудбалерите кои веруваат дека најпосле ќе го добијат заслуженото за сè што сторија за Вардар кога му беше најтешко на клубот.
Преку купување на сезонски билети во акцијата за спас на Вардар веќе се вклучија неколку градоначалници од скопски општини. Ветување за финансиска помош Комити добиле и од Град Скопје.
Миленковски им се заблагодари на директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, како и на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор (АДСДП) со кои имал конструктивни состаноци на кои добил ветување за бришење на камати на одредени долгови.
По отпочнување на акцијата „Купи билет за спас на ФК Вардар. Сега е време, за нешто многу поголемо!“ за неполни 24 часа собрани се околу 300.000 денари.
Сезонските билети чинат 1000 денари, и може да се купат онлајн преку страницата на „МК Тикетс“, и во живо.
OhridNews