Несовесен граѓанин врзал куче за клима уред во Охрид и го оставил без вода и храна на жешкото летно сонце. За случајот биле алармирани љубителите на животни од Охрид кои го пронашле кучето речиси колабрирано. Тие го истражиле случајот и добиле информации дека напуштеното куче од расата пит бул променило најмалку шест сопственици. Родено било во Прилеп, продадено во Гостивар, бидејќи не се борело го продале пак, го купиле во Охрид, потоа уште два пати променило сопственици…

Кучето е згрижено и сега ќе му бараме нов дом. За жал нема чип и не можеме да поднесеме пријава против никого.-изјавија за OhridNews волонтерите кои го згрижија напуштениот пит бул.

Овој случај уште еднаш го отвора прашањето за неодговорните сопственици на миленици, што директно придонесува за ескалација на проблемот со бездомните кучиња, но и агресивноста кај дел од нив кои се присилувани на борби и малтретирани.

Наскоро регионални шелтер центри за бездомни кучиња

Немилиот настан во Охрид коинцидираше со промоцијата на Студијата за решавање на проблемот со бездомните кучиња во Југозападниот плански регион, што се одржа денеска во Струга. На седницата  на Центарот за регионален развој, градоначалниците од Југозападниот плански регион донесоа одлука општините Охрид, Кичево и Центар Жупа да изнајдат локации за израдба на микро регионални шелтер центри за бездомни кучиња, кои ќе ги сервисираат потребите на локалните самоуправи кои гравитираат во непосредна близина.

До крајот на годината општините во буџетите треба да го предвидат финансирањето наовие центри, односно да обезбедат средства за заловување, транспорт и третманот на бездомните кучиња. Целта е да се стабилизира и да се намали популацијата на бездомни кучиња со одреднеи активности, да се подигне свеста за да не се зголемува бројот на бездомни кучиња, правилна стерилизација, вакцинација и улога на општините за финансирање и раководење со таа популација што е нивна законска одговорност. Со тоа ќе се придонесе да нема инциденти со напади од кучиња скитиници и ќе имаме здрави граѓани. – изјави тим лидерот за изработка на физибилити студија за бездомни кучиња Васко Каранѓелески.

Општина Охрид иако има возила, служба и одвоен буџет 1.400.000 денари самостојно не може да го реши овој проблем и затоа се пристапи на регионално решавње на проблемот со бездомните кучиња, истакна Антонио Гавриловски, претставник на локалната самоуправа. Според него стационарот регионално ќе функционира многу подобро со финансирање од повеќе општини, а со тоа тие полесно ќе се справат со проблемот со бездомните кучиња.

Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ има набавено специјални возила и опрема за заловување кучиња, има вработени кои поминале обуки и се стекнле со сертификати за заловувачи, а во тек е постапката за дозвола за стационар која ја издава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но во пракса се’ уште не се чувствува ваквиот ангажман. Затоа јавноста со право очекува општините да преминат од зборови на дела и да почне решавањето на деценискиот проблем со бездомните кучиња.

OhridNews