Кошаркарскиот клуб АВ Охрид ќе биде македонски претставник во Втората АБА лига, откако сопственикот на клубот, Милчо Донески без размислување и дилеми ја прифати понудата од челниците на регионалната кошаркарска лига. „Галебите“ ќе бидат во друштво на кошаркарски шампиони и ќе имаат можност да ги одмерат силите со реномирани екипи од Балканот.
– Јас сум човек од акција, сакам предизвици, но и студиозно ги разгледувам понудите како во бизнисот така и во кошарката. Одлуките ги носам сам, но во претходна консултација со семејството и соработниците. Ја прифатив оваа покана со едноставна цел да видам до каде ни се можностите. Некои ќе речат да видите до каде се можностите, но тоа чини. Се согласувам дека се’ чини, но се си има своја цена, ако подолгорочно се погледнат работите можеби ова ќе биде и отскочна штица за повисоки дострели. Сега за сега сме оптимисти и враќање назад нема, се нафаќаме на еден проект кој не само за мене како сопственик на клубот, туку и за градот Охрид и државата треба да е поттик за достигнување на повисоки цели. – изјави Милчо Донески.
Клубот кој функционира беспрекорно и се натпреварува во македонската кошарка две години максимално е подготвен да одговори на организциските барања на АБА лигата.
– Секако клубот постои веќе трета година, но организациски во секоја смисла на зборот мислам дека добро котираме во рамките на Македонсата кошаркарска лига. Можеби е неблагодарно јас тоа да го констатирам, но од изјавите на спортските новинари добиваме само позитивни критики. А што се однесува до организацијата на поголеми натпреварување како во моментов, учеството во АБА лигата, сигурен сум дека тимот професионалци што работи ќе одговори на сите предизвици што впрочем го докажавме во изминатото првенство како и со организирање на Меѓународниот турнир во 2016 год за играчи до 20 год на кој се покажавме како добри домаќини на екипите како Партизан, Слобода Тузла, Игокеја и многу други. – додаде Донески.
Стручниот штаб активно работи на трансфер пазарот и во најкраток можен рок треба да го официјализира со кој состав АВ Охрид ќе дебитира во АБА лигата. До сега договорени се пет кошаркари кои и минатата сезона го носеа дресот на охридскиот прволигаш.
Михаил Постоловски