Љубовта кон спортот и пред се кон родниот Охрид го привлече бизнисменот Милчо Донески да инвестира во еден од најуспешните колективни спортови во градот, кошарката. Од минатата година градот под Самоиловите тврдини може гордо да се пофали со кошаркарскиот клуб „АВ Охрид“ формиран со „НБА“ шмек.

Името на клубот потекнува од имињата на неговите деца Антонио и Викторија, а токму нивната љубов кон кошарката, била пресудна во одлуката за формирање на клубот.

– Иницијалите на моите деца ги користам секогаш, па така и за клубот бидејќи се што правам во животот го правам само за нив. Желбата на мојот син Антонио беше да игра кошарка за и во Македонија. Јас и мојата сопруга како и сите родители правиме се да ги задоволиме нивните барања. – изјави Милчо Донески на почетокот од разговорот за OhridNews. – Живееме во град во кој подолг временски период спортот е во втор план, ако не е и заборавен, а младината е се по попасивна што се однесува до спортот. Првичната идеја беше прифатена со голем скептицизам, но после шест месеци клубот чекори сигурно по својот зацртан план. – додаде Донески.

Милчо Донески

Донески кој живее и работи во Чикаго, САД, со вложувањето во спортот сака да ја врати вербата на охриѓани за подобар живот која исчезнала многу одамна.

– Јас како роден охриѓанец сум многу горд на нашиот град. Охрид има историја, традиција, убавина, единствено што фали е вербата кај луѓето. Помеѓу младите нема надеж и единствено решение гледаат во иселувањето. И јас сум дел од таа тажна приказна пред 25 години, си заминав од Македонија затоа што мислев дека овде немам иднина. Се вратив, со цел да ја вратам вербата во младите охриѓани. Овде има простор за реализација, повеќето мислат дека финансиите се проблем, да тие се проблем и се потребни, но, пред нив стојат позитивниот дух, вербата, искреноста, вредната и напорна работа. Низ нашиот град често слушам муабети како се пропаднало, како се е залудно, ништо не е успешно и тоа е единствениот проблем кој ние како охриѓани го поседуваме, цената и вредноста на нашето место ја рушиме сами. – заклучува нашиот соговорник.

Охридскиот кошаркарски клуб „АВ Охрид“ има нескриени амбиции, чекори по вистинскиот пат кон остварувањето на првата цел, влез во Првата лига, а потоа чекор по чекор до другите.

– Досегашните резултати во Втората лига одат во наша полза. Први сме на табелата со стопроцентен скор по девет мечеви и ќе продолжиме во ист ритам. Атмосферата во клубот е многу добра, работиме како тим, се справуваме со сите проблеми како тим и тоа ќе биде нашиот заштитен знак. Секако, дека имаме високи цели и планирани дострели, но прво да се избориме за пласман во Првата лига. – истакна Донески.

Фирмата „АВ бизнис Ентерпрајс“ која стои зад клубот во најбрз можен рок ќе изгради спортска сала по светски терк во Охрид. Во склоп на салата ќе има хотел, фитнес центар, а најголемо внимание ќе се стави на кошаркарската академија.

– Подготовките за новата сала се започнати, комплетирани се сите потребни документи и за година дена ќе треба да биде изградена. Во неа ќе можат да се организираат кошаркарски натпревари од сите видови. Во склоп на салата планираме и хотел кој ќе ги задоволи потребите на екипите кои ќе доаѓаат во Охрид на подготовки. Најголемо внимание ќе ставиме на академијата од која ќе црпиме таленти, кои еден ден би биле гордост на градот. – рече директор на клубот, Сенада Џело околу инвестициите.

Кошаркарскиот клуб „АВ Охрид“ моментално брои 31 член. Половина од нив се кошаркари, клубот има три тренери, спортски директор, личен доктор и физиотерапевт, а сите свои мечеви од Втората лига клубот ги пренесува во живо на интернет.

Во блиска иднина бизнисменот од Чикаго под своја закрила ќе преземе уште неколку спортови, а прв фаворит е боксот кој исто така е плоден спорт во градот. – Направив првични разговори со одредени луѓе и ќе им помогнам на сите клубови колку што можам. Со голема сигурност по изградбата на спортска сала ќе формирам и боксерски клуб бидејќи само убави работи слушам за охридскиот бокс. – заврши Донески.

Михаил Постоловски
Фото: Емил Јовановиќ