Екипата на Милан по седми пат во својата клубска историја се искаши на европскиот трон, откако во големото финале на Лигата на шампионите беше подобар од ливерпул со 2:1.

Ако пред две години немаа среќа во Истанбул, Атина им се посреќи на миланезите кои упатија три директни удари кон голот на Рејна, а сепак триумфираа. Стрелец на двата гола за Милан беше ветеранот Инзаги во финишот на првото полувреме и пред крајот на мечот, а Кајт на минута до крајот намали на 2:1.


Милан на тронот на Европа

Мала утеха на Ливерпул ќе му биде тоа што остави подобар впечаток во финалето, но проблемот со реализацијата во нападот и предолгото тактизирање на Бенитез со внесувањето во игра на најдобриот стрелец за тимот во ЛШ, Ливерпул го чинеа пораз во финалето.

Така “местачите“ од Милано кои беа на раб на бездната на почетокот од сезоната, на крај од неа се големи победници. Поради аферата со наместени натпревари на Милан му се закануваше исклучување во понизок ранг, потоа драконската бодовна казна беше намалена, а клубот кој првенството во Италија го започна со бодовен минус на најдобар можен начин ја заврши сезоната.

Победата на Милан е мошне значаен за италијанскиот фудбал кој е во сериозна криза поради големата афера со наместени натпревари, но триумфот на репрезентацијата на светското првенство лани и на Милан во ЛШ оваа година, ќе ги залечат раните на азурите.

Г. Момироски