Легендата на рокенролот и фронтменот на групата Ролинстонс, Мик Џегер, ќе настапи на гала вечерта на „Греми“ наградите која ќе се одржи на 13 февруари во Лос Анџелес. Иако зад себе има повеќе од успешна кариера, британскиот рокер никогаш не освоил ниту една Греми награда која се смета за најголемо признание во музиката, освен 1989 година, кога заедно со Ролингстонс ја добил почесната награда за животно дело.
Според американските медиуми, на церемонијата ќе бидат доделени стотина трофеи, а посебна почит ќе му се оддаде на соул пејачот Соломон Бурк. Џегер заедно со калифорнискиот музичар и продуцент Рафаел Садик ќе отпее една нумера во знак на сеќавање на големиот мајстор на соулот, кој починал на 10 октомври минатата година.