Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков во четвртокот бил уапсен, па пуштен на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ откако во неговиот рачен багаж бил пронајден пиштол.
Како што пренесуваат српските медиуми, кои соопштуваат дека во Белград бил уапсен најмоќниот Македонец, оружјето било во авионот на летот од Скопје за Белград, а пиштолот бил најден во Белград.
„Човекот беше прилично мирен, не правеше проблеми кога му беше најдено оружјето. Се правдаше дека заборавил да го остави и дека на аеродромот во Скопје воопшто не го контролирале, што на сите им беше чудно. Изненадувањето следуваше кога беше откриено дека вооружениот маж всушност е Сашо Мијалков, довчерашниот шеф на македонската безбедносна служба„, изјавил извор за српските медиуми.
Веста беше објавена на неколку српски медиуми доцна синоќа, а потоа следеше реакција и од Мијалков кој за порталот Прес 24 го потврдува настанот што му се случил на белградскиот аеродром.
Тој изјавува дека при тргнување на пат земал торба која не ја проверил. Пиштолот во торбата бил откриен на рентген на белградскиот аеродром. За случајот Мијалков дал исказ и објаснување, по што пиштолот е задржан, а Мијалков го продолжил патувањето. Во однос на останатите шпекулации Мијалков потврдува дека се работи за приватен пиштол, кој го поседува со дозвола и вели дека не поседува службено оружје од МВР, односно дека истото е раздолжено по завршувањето на функцијата.
OhridNews
Извор:„Макфакс“