Селекцијата на Србија по поразот од Белгија 2-1 во Брисел ги загуби речиси сите шанси за пласман на мундијалот во Бразил следната година. За неуспехот во мундијалските квалификации селекторот на Србија, Синиша Михајловиќ вината ја најде во поразот од Македонија, која со 1-0 славеше на арената „Филип Втори“.

– Поразот од Македонија најмногу ме погоди и најмногу ме боли. Мислам дека тој натпревар што го загубивме во Скопје најмалку требаше да го загубиме, а ако против Македонија освоевме три бода овие квалификации ќе имаа поинаков тек за нас. Требаше да извлечеме попозитивен резултат против вашата селекција, но со играч помалку поради црвен картон и потоа досуден пенал против нас, едноставно… толку можевме – рече Михајловиќ.

„Орлите“ имаат уште една шанса, која се граничи со фантазија. Тие да ги добијат сите три натпревари, а селекцијата на Хрватска да ги изгуби со што би се изедначиле во бодовите и би играле „мајсторка“.

По триумфот на Шкотска против Хрватска, македонската репрезентација со четири бодови се најде на последната шеста позиција во А групата.

Мх.П.