Поранешниот прв човек на Вардар, а сега претседател на СЕХА Газпром-лигата, Михајло Михајловски, преку соопштение најави дека може да има спас за ракометниот гигант по одлуката на Сергеј Самсоненко да престане со поддршката на поранешниот европски шампион.

Михајловски, кој беше човекот што му го продаде РК Вардар на Самсоненко, најавува дека има заинтересирани компании и бизнисмени што би помогнале „црвено-црните“ да не ги чека лоша судбина и побара трпение од навивачите и од ракометарите.

Почитувани спортски пријатели и поддржувачи на РК Вардар,

Како почесен претседател на РК Вардар и долгогодишен спонзор, кој веќе 31 година е инволвиран во спортот кој е број 1 во Македонија, тешко ги прифатив најавите дека клубот се наоѓа во тешка ситуација. Секогаш сум бил со клубот и секогаш сум сакал да биде на самиот врв. Затоа, сакам што побргу да се најде решение за натамошно опстојување на клубот и продолжување со успесите што ги постигна во изминатиот период.

Сакам на играчите на Вардар да им посакам среќа во реванш-натпреварот од четврт-финалето на ЕХФ Лигата на шампионите и да се вратат во Скопје како победници. Така ќе покажат дека Вардар е македонски, но и европски бренд и третпат по ред ќе игра на Ф4-турнирот во Келн, што досега не ѝ успеало на ниту една европска екипа.

Изминатиов период добивав многу повици и молби за спасување на РК Вардар. Имав и разговори на таа тема со 5-6 стопанственици, бизнисмени, кои сакаат и може да го помогнат РК Вардар.

Постои и големо разбирање и расположение кај Градот и надлежните спортски и владини институции за изнаоѓање решение за продолжување на успешната ракометна приказна што ја имавме изминативе години. Добив позитивни сигнали сите заеднички да најдеме решение и Вардар да продолжи да биде успешен клуб.

Сè уште не сум се слушнал со г. Сергеј Самсоненко, но секако би сакал да поразговарам и да ги знам неговите планови за иднина. Сакам да истакнам дека г. Самсоненко е најзаслужниот човек што Македонија доби европски првак во ракомет и редовен учесник во Лигата на шампионите во самата завршница. Кога пред шест години му го дадов клубот на г. Самсоненко, на прес-конференција кажав дека најголемото засилување е токму тој. Тоа, на моја среќа, се оствари.

Сергеј Самсоненко го постигна тоа со клубот и сите треба да му дадеме признание за она што го стори. Само тој си ја знае вистината, а имаше минимална помош во изминатиот период од спонзорите. Во еден разговор со г. Едуард Кокшаров, спортски директор на РК Вардар, го замолив да им пренесе на играчите и да ги замоли за трпение до 10 мај и да се воздржат од предвремено раскинување на договорите и давање исписници.

Како долгогодишен спонзор, убеден сум дека ќе се најде решение РК Вардар да опстане и да продолжи и понатаму да биде македонски првак, победник на СЕХА и редовен учесник во Лигата на шампионите.

Истовремено, упатувам апел до сите компании што сакаат Македонија да има и натаму европски тим, да се приклучат кон оние што веднаш го препознаа квалитетот и брендот наречен РК Вардар.

Доколку успееме во намерата да се спаси Вардар, костурот од сегашната екипа треба да се задржи и да се обезбедат минимум 5-6 македонски репрезентативци или потенцијални репрезентативци и постепено да се создава и костурот на македонската репрезентацијата.

Верувам дека и во иднина ќе продолжиме да се радуваме на успесите на Вардар.

Еден живот – една љубов

Михајло Михајловски

Почесен претседател на РК Вардар.

OhridNews