Креирањето на квалитетна младинска политика е основа за просперитетна и напредна млaдина, која има капацитет да биде двигател на нови можности за развој на едно општество. Локалната самоуправа предводена од градоначалникот Георгиески, во текот на изминатиот период посветено работеше за подобрување на условите на младите охриѓани, вели кандидатот за советник од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за Охрид“, Бојан Михајловски.

Освен големата поддршка за развој на спортот и подобрување на условите во сите училишта, општината овозможи средства за дополнителна мотивација во образованието. Минатата година беа доделени 288 ученички стипендии, а оваа година беа доделени рекордни 412 и ученички и студентски стипендии, во вредност од околу  8, 4 милиони денари, додава Михајловски.

Вели дека континуирано работат на аплицирање и имплементирање на проекти од меѓународни програми кои даваат поддршка на младите.

Веќе е започната процедурата за отстапување на простор и спроведување постапка за формирање Младински центар во просториите на поранешната касарна. Планиран е јавен повик за избор на младинска организација која ќе раководи и управува со овој центар. Функцијата на Младинскиот центар е да подготвува и спроведува програми  за развој на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите. Воведуваме практика на редовно усвојување на младинската програма со мерки и активности, планирани резултати и мерливи показатели за успех. Работиме на креирање на Стратегија на млади, подобрување на вештините за вработување, курсеви за јазици и практиканска работа, додава Михајловски.

Создаваме услови и поддршка за креирање на старт ап бизниси, за што повеќе проекти и одобрени средства за нивна имплементација. Нашата цел е да ги мотивираме младите да останат во Охрид и да го градат своето семејство и својата професионална кариера тука, вели Михајловски.

Н.С.Ј.